Велешкото семејство Габерови

Објавено на 28 јули, 2018 во 11:27

Gaberovipreddukanot fin

Габерови биле почитувано семејство во стар Велес. Не биле многу имотни но, биле трудољубиви и со работа создавале имот. Со мака и труд спечалиле и куќа и дуќан и земја. Во нивната семејна лоза е запишано дека Димко Габеров бил роден во 1853 година во велешкото маало „Бузаана“. Млад почнал да го учи а потоа и го наследил татковиот занает, фурнаџискиот. Тој имал 42 години , кога од еден турски бег на исселување од Велес купил една од најубавите куќи во месноста Дворови.Бидејќи немал доволно пари другар му Лазо Спасев, кој имал купено куќа во овој централен дел на градот, му позајмил пари за купување.

KukatanaGaberovi fin

Куќата на Габерови во Дворови

Во убавата бегова куќа Димко се вселил со сопругата Таска и синовите Тоде и Ордан. Тоде веќе имал дваесет и пет години кога со братот Ордан и со таткото Димко, од фурнаџиската работа и од земјоделие, отвариле дуќан за продажба на брашно што се наоѓал на плоштадот „С`рмаaле“ , на денешното место на зградата на УЈП. Во него почнале со продажба на брашно на граѓани и потоа развиле трговија со тогашни компании. Брашно купувале од Македонија и увезувале од Солун, од Бугарија и од Србија. Додека се занимавале со овој бизнис постојано се грижеле добро да работи и семејната фурна.

Gaberovipreddukanot fin

Таткото Димко со синовите Тоде и Ордан и со пријатели пред дуќанот на „С`рмаале“

Во 1898 година Тоде се оженил со Пандора Ѓорчева и станале родители на четири деца: Ѓорѓи, Димитар, Веса и Наталија. Но со својот брат Ордан продолжил братски да работи во дуќанот за продажба на брашно. Тие добро работеле и за време на СХС и во бугарско. Не успеале да се спасат од нацонализацијата во1945 година кога со доаѓање на новата власт им биле одземени дуќанот и нивите. На нивите подоцна биле изградени згради за бегалците Македонци од Егејска Македонија познати во градот како Егејските згради. Тоа не успеал да го преброди постариот брат Тоде Габеров кој од јад за национализацијата умрел во 1945 година.

Todorsofam fin

Тоде Гајдов со сопругата и керќите

Ordansomajkataifam fin

Ордан со мајката, со сопругата, децата и внуците

По ослободувањето синот на Тоде, Ѓорѓи се вработил во тогашната Земјоделска банка. Потоа завршил средно вечерно економско училиште и се вработил во Стопанска банка каде што останал се до пензионирање. Брат му Димитар се вработил како благајник во „Жито Вардар“. Нивните сестри се омажиле, постарата за познатиот мајстор за изработка на арабаџиски коли Киро Сокол ,кој имал дуќан од другата страна на денешен офицерски дом, а помалата за Лазо Пепелков.

Gaberovisod r Tasevic fin

Браката Гајдови со доктор Ташевиќ,седи и држи бастум во рака, како и со пријатели

Братот на Тоде, Ордан се оженил со Наталија од Прилеп. Тие станале родители на еден син и една ќерка. Нивен син е познатиот проф. д-р Стеван Габер додека ќерката Зора по школувањето се вработила во банка во Скопје. Татко им Ордан во 1949 година се преселил во Скопје штом синот Стеван завршил и се вработил како професор на правниот факултет. Ордан Габеров го продал својот дел од заедничката куќа на Трајко Јовев. Брат му Тоде немал пари да го купи делот од убавата градба во стилот на стара велешка архитектура. 

TavanicatanaGaberovi fin

Таваницата во куќата на Габерови

Куќата имала широки чардаци, а таваните биле украсени со резби и беше прогласена за ремек дело на старата велешка архитектура. За жал куќата во 2012 година се запали по што целата нејзина вредност и убавина се претворила во пепел.

TodorsoStevanGajdov fin

Тоде и проф. д-р Стеван Габеров

Инаку, професор Стеван Габер во родниот град завршил основно и гимназија. Се запишал на Правен факултет во Софија, а дипломирал на факултетот во Белград. Тој е прв редовен професот на Правниот факултет во Скопје отворен во 1949 година, каде го поминал целиот свој работен и научен животен пат, се до пензионирањето. Инаку тој се оженил со велешанката Вера Тутунџиева со која има син, познатиот амбасадор Виктор Габер како и ќерката Марика. По смртта на сопругата Вера, професорот се оженил со гркинката Лела со која ја добиле ќерката Наташа исто така професор доктор на правни науки.

GaberovisovidnivelesaniizgradbaStarMost fin

Габерови со други угледни велешани при изградбата на Стар Мост

Сите информации за семејството Габерови ги добив од внуците од синот на Тоде Габеров, Ѓорѓи кој се оженил за Милка Ацева и станале родители на две ќерки Виолета и Пандора. Токму со нивна помош ги собрав податоците и ги добив семејните фотографии. Вториот син на Тоде, Димитар заминал во Хрватска и таму се оженил со Тереза. Постарата ќерка на Тоде,Веса се омажила за Киро Сокол и е мајка на два сина Боро и Живко, додека нејзината сестра Наталија се омажила за Лазо Петелко со кого има син Војкан и ќерка Лила.

Таков бил животниот пат на семејството Габерови од Велес чии што корени длабоко се врежани како во развојот на својот град така и на Македонија. Нивните поколенија велат дека се особено горди на своите предци.

Стоилко Андреевски

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.