Велешани, денеска и утре, го слават празникот „Источен Петок – Балаклија“ со масовна посета на црквата во манастир „Свети Димитрија“

Првиот четврток и петок по Велигден, Велешани го одбележуваат со масовна посета на манастирот „Свети Димитрија“, каде што во црквата го одбележуваат празникот Источен Петок – Балаклија. Празникот посветен е на Пресвета Богородица додека традицијата на Велешани е во одењето пешки до манастирот.
Од денеска на пладне до утре, исто така на пладне, граѓаните масовно од сите страни на градот ќе тргнат со намера да стигнат до овој духовен храм за чија вековна традиција знаат и граѓани од повардарието но и од други градови на Македонија за што доаѓаат во Велес.
Освен посета на манастирот, исто така, вечерва и утре, граѓаните традиционално ги посетуваат и црквите „Св. Петка“ и „Св. Никола“, кои се наоѓаат во овој манастирски комплекс, на јужниот излез на Велес.
При посетата на манастирот и црквите граѓаните палат свеќи и се молат за лично и здравје на членови на семејствата. Вечерва во манастирот ќе се одржи Вечерна богослужба од страна на свештеници од Повардарската епархија.
Убавка Јаневска
