(ОБНОВЕНО) Велешани коледаат, Дворовчани на огновите ги пејат најпознатите „мрсни песни“ – видеа на Дума.мк и испраќаат и граѓани од другите делови на градот(видео и фото)
Запалени се коледарските огнови низ велешките сокаци и маала. Покрај нив седат деца, жени и мажи. Во населбата „Дворови“ ги има неколку само на брегот на река Вардар. Младите се похрабри, нивните огнови се на отворено. И највесели се децата, најмладите Дворовчани кои играат и пејат. Нивните татковци и чичковци мезат на претежно посни трпези. Сите велат дека Коледето е причина за да излезат од домот на заедничка средба. А за соседот Саше, Коледе, е причина да допатува и од САД во родниот Велес, за вечерва, да биде заедно со соседите до мугрите на утрешниот верски празник Бадник како и задутре на Божик. Иако и тој и соседите се страмежливи, онака, под мустаќ, потпевнуваат по некоја ,,мрсна велешка коледарска песна“.
Повозрасните и поискусни соседи во Дворови, иако во затворен простор, поточно во гаража, сепак се похрабри кога е пеењето на песните коишто само во Велес можат да се слушнат на Коледе. Зошто? Погледнете го следниов видео запис.
Од Дворови, исто така, се гледа дека Коледарски огнови горат на источната страна на Велес. Дел од нив се високи. Имаше и повеќе огномети вечерва, на оваа, источна страна, во стариот дел на градот.
Дума.мк доби видео записи и од сограѓани кои на Коледе се собрани на улица „Киро Ќучук“ како и на Маалска.
И велешанецот Киро Оровчанов – Киро Лотарија стигна од Виена, Австрија, специјално за Коледето на Маалска, од каде се испратени следниве фотографии и видео.
Честито Коледе на сите сограѓани!
Убавка Јаневска