Велешанка се однесувала агресивно кон полицајци, девојче на својот наставник во кавадаречко училиште му пријавила семејно насилство
Сектор за внатрешни работи Велес, преку дневниот билтен информира за три пријавени случаи различни случаи.
На улица „Благој Ѓорев“ вчера, околу 11:30 часот полициски службеници ја привеле триесет и девет годишната Ф.А од Велес. Таа агресивно се однесувала кон полицајците при извршување на службени дејствија. Како што соопшти портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска, таа со Итна медицинска помош од Велес била спроведена во здравствена установа.
Истиот ден, полициски службеници од Одделение за внатрешни работи Кавадарци го лишеле од слобода триесет и девет годишниот Б.М од кавадаречко. Како што е пријавено, вработен во основно училиште, во коешто учела малолетната ќерка на Б.М го пријавил случајот. Тој објаснил дека девојчето пријавило во училиштето дека во семејниот дом тој се однесувал агресивно и физички го нападнал нејзиниот малолетен брат.
-За настанот бил известен јавен обвинител, а во присуство на претставник од Центарот за
социјални работи Кавадарци со децата и со мајката на пријавениот бил извршен службен
разговор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, додава портпаролката Ѓаковска.
Во Одделение за внатрешни работи Неготино, истиот ден, четириесет и седум годишниот С.В од село Пепелиште, неготинско, пријавил дека во селото бил физички нападнат од дваесет и девет годишниот М.Д од истото село. Како што пишува во дневниот билтен, од страна на полициски службеници бил извршен службен разговор и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Стефани Манева