(Видео и фото) ЗНМ и УНДП најавија веб платформа за локални стории
Малиот број на дописници од внатрешноста на државата на националните медиуми наспроти потребата на граѓаните од приказни на локални теми поврзани со дезинформации и родовосензитивно известување ги поттикнаа Здружението на новинари на Македонија и Програмата на обединетите нации, УНДП да бидат партнери во проект за формирање на Мрежа на новинари, медиуми и граѓански организации на локално ниво. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, денеска во Велес, го пренесе ставот дека тие теми се исклучително важни за општеството па затоа ќе биде подигната платформа на која ќе се објавуваат новинарските приказни.
„Зајакнување на капацитетот на локалните заедници за справување со дезинформации и родовобазирани дезинформации“ е насловот на проектот кој го поддржува подигнувањето на порталот за вести од помалите градови во државата. Иако има предлози засега името на порталот не е дефинирано, рече Дарко Чекеровски координатор за комуникации на УНДП.
За потребите на проектот, исто така, се подготвува истражување коешто се уште трае и кое ги опфаќа домашните и меѓународни стандарди за медиумскиот интегритет. Во него се вклучени професионални медиуми, здруженија и медиумски експерт. Целта е да се осознаат ставовите на различните групи во однос на медиумскиот интегритет, како се гледа на предизвиците и на проблемите со дезинформациите со оглед на фактот дека темата со години е актуелна и за неа зборуваат професионалните новинари, рече проф. Марина Тунева, медиумски експерт.
Порталот за борба против дезинформации на локално ниво ќе стартува со работа на почетокот на 2024 година. Новинари и медиуми, како и граѓански организации членки на мрежата, ќе бидат автори на медиумските производи.
Убавка Јаневска