(Видео и фото) „Чист понеделник“ од женски агол: Велешанки имале своја улога во одбележувањето на празникот
По генералката на домот во пресрет на верскиот празник „Прочка“, поранешните домаќинки во Велес, на „Чист Понеделник“ го дозавршувале чистењето со миење на сите садови што се користат во кујната. За оваа поранешна традиција ни раскажаа денеска три возрасни сограѓанки од месностите „Мегдан“ и „Маалска чешма“.
Баба Ружа Тодова е највозрасна мешу нив. Таа има 88 години и е најстариот жител на месноста „Мегдан“. Ако денешната нејзина задача беше за маалската дружба на „Чист Понеделник“ да го подготви традиционалното мезе, кое што се состоеше од варен компир со млад кромид и зачини меѓу кои и оцет, на кое што ќе му се насладуваат гостите на одбележувањето на празникот таа исто така се присети на традиционалните обврски што уште од млада возраст, како млада невеста пред 58 години, ги имала на овој ден во својот дом.
Вадењето на сите садови од кујната и нивно генерално чистење со пепел од шпоретот за дрва, како и перењето на парчињата облека со „цеќова вода“ или течност добиена од пепел растворен во вода, го означувале почетокот на овој ден во домот на велешките домаќинки.
Слични искуства имале и осумдесет и четири годишната Костова Илинка и десет години помладата Јагода Зафирова кои живеат педесетина метри под „Мегдан“ во месноста „Маалска чешма“. Во разговорот со нив откривме и уште неколку значајни информации за одбележувањето на денешниот ден „Чист Понеделник“ во Велес од женски агол.
Велешанки денеска не ги практикуваат овие традиционални обичаи, но како вредности на еден традиционален начин на живот во градот добро е да се забележат.
Убавка Јаневска