(Видео и фото) Цистерни на „Фероинвест“ и на „Централинвест“ извлекоа нови околу 60 тони од штетната материја на езерската површина на велешко „Младост“

Објавено на 27 јули, 2024 во 16:52

Во езето „Младост“ од денеска попладне има околу 60 тони помалку растителна маса и алги во распаѓање измешани со остатоци од фекално потекло. Новата извадена количина од езерската површина ја извлекоа две цистерни на биогасната електрана во Сарамзалино, во која сопственост има компанијата „Централинвест“ на велешанецот Кочо Анѓушев.


Процесот на извлекување на половина од оваа вкупна количина на штетната материја започна вчера попладне и заврши вчера вечер, со првата цистерна, додека со втората, започна денеска претпладне и заврши околу 14 часот. При вчерашното извлекување асистираа акцијашите ветерани со спортските риболовци. Денеска на езерската површина беа само спортските риболовци.


Од прес службата на „Фероинвест“ и „Централинвест“ ги известија медиумите дека сопствениците на електраната ги прочитале медиумските објави, особено во текот на вчерашниот ден, кога веднаш донеле одлука да се стават на располагање на велешките граѓански организации, предводени од спортские риболовци на „Бабуна“.


,,Нашите инженери во биогасната електрана Сарамзалино утврдија дека штетната материја која го загадува велешко езеро може да биде употребена во процесот на производство на биогас. Но не можеме веднаш и цела материја да ја собереме и употребиме, бидејќи таа е веќе полна со бактерии, врие и е активна, и не смее одеднаш да се стави преголема количина во системот на електраната затоа што ќе направи проблем. Има технологија на производство на биогасот и сооднос на материи кои мора да бидат дозирани за да биде производството безбедно, бидејќи станува збор за производство и насобирање гас кој гори,“ пишува во соопштението за јавност.


Оттаму додаваат дека на вклучувањето во чистење на велешко езеро, кое е значајно оддалечено од електраната, компаниите „Брако“ и „Фероинвест“ гледаат како на покажана општествена одговорност за спас на најубавото излетничко место покрај Велес.

„Ние собираме отпад од блиските фарми околу електраната, бидејќи не е исплатливо да се носи суровина од подалеку, но превозот и сите трошоци за оваа акција ,за нас, претставуваат помош за Велес, за граѓаните и за заштита на околината и водата во езерото, и ние и понатаму ќе продолжиме да помагаме” пишува во изјавијата на прес службата на компанијата „Фероинвест“.

Од оваа компанија додаваат дека чувствуваат за потреба да ја информираат македонската и особено велешката јавност за следново:
„Oткако ваквите материи ќе поминат низ технолошкиот процес во биогасната електрана и производството на електрична енергија, на крај како нус продукт излегува земјоделско ѓубриво и хумус, така што штетната материја која денес го загадува езерото ќе биде неутрализирана во еден затворен процес со нула отпад. Овој пример најдобро го покажува значењето на биогасните електрани во една економија, како производители на чиста електрична енергија и чистачи на отпадот, и се класичен пример на циркуларна економија.“

Исто така во текот на денешното собирање на новата количина со растителна маса и алги во распаѓање измешани со остатоци од фекално потекло на езерската површина се појави угината риба. Спортските риболовци на „Бабуна“ се надеваат дека е единствена.

Тие денеска со помош на  дрон и поддршка на граѓанинот Димитар Абрашев направија видео и фотографии за да имаат по прецизна слика на состојбата во велешко езеро.

За видео и фотографскиот материјал рекоа дека не ги обесхрабрува. Освен преостанатите околу 240 тони од загадувањето на јужната страна, пред Отовичка река, големи се количините и покрај езерскиот брег, од сите негови страни.

Сепак долго полемизираа пред да се соочат со вистината за потреба од дополнителна помош во работна сила и финансиски средства. За дел од нив, без помош од државата, тешко дека езеро „Младост“ ќе може да се врати во живот. Беа едногласни дека решението на актуелната еколошката катастрофа, по објавените резултати во направените испитувања од страна на Хидробиолошки завод во Охрид, се во заклучокот и во препораките на експертите на оваа институција.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.