(Видео и фото) Економското училиште во Велес ги престави образовните профили пред деветоодделенците
На поставени штандови се делеа промотивни материјали за сите образовни профили додека во кабинети и училници се презентираа видео материјали, промотивен спот и веб страницата на СОУ„Јовче Тесличков“. Презентациите ги водеа ученици од училиштето додека професорите ги прифаќаа и распоредуваа денешните гости како од велешките основни училишта така и од училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка. Во дворот на економското училиште беа поставени паноа за пишување на пораки со впечатоци и за резултати во повеќе видови на игри. Ди џеј се грижеше за забавниот дел на отворениот ден.
Училиштето е единствено на територијата на општините Велес, Чашка, Градско и Лозово кое што за запишување на ученици во прва година нуди профили од економско – правна и трговска струка, рече директорот Васко Трајковски.
Според Трајковски, годинава, во СОУ „Јовче Тесличков“ ќе можат да се запишат 118 ученици во четири паралелки. Запишувањето ќе се реализира во два уписни рока, првиот во месец јуни и тоа од 20 до 25 јуни додека вториот на 1 и 2 јули, годинава.
Уписите се електронски додека професорите, директорот со стручната служба, се ставаат на располагање да им помогнат на учениците и нивните родители доколку имаат проблем при аплицирањето.
Убавка Јаневска