(Видео и фото) „Пешовска: Се создаде тензија, директорката и наставниците не влегоа во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка а ние го чекаме да дојде министерот Шаќири“

Објавено на 27 ноември, 2023 во 14:11

Пред влезната врата на училишната зграда на ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка и утрово протестираа родителите на учениците поддржани од жители на населбата. Директорката Елена Николова со наставниците дојшле во училишниот двор и побарале полициска асистенција, информираа жители на населбата. Тие испратија видеа со вербална расправија помеѓу нив и директорката Николова.

„Не знам зошто беше повикана полицијата. Изненадени сме од односот на директорката која ни се обрати со недолични зборови. Таа и наставниците можеа да си влезат во училиштето а ние да продолжиме со протестот. Николова вршеше притисок наставниците да влезат во училиштето, па ни се доближуваше за потоа да се откаже и да замине надвор од училишниот двор. Родителите на учениците поддржани од жителите на населба Чашка сме категорично против отворање на паралелка на албански наставен јазик. Децата не треба да ги делиме туку да ги соединуваме. Затоа ќе повторам дека остануваме на нашите барања, за средба со министерот Јетон Шаќири во Чашка на која бараме да присуствуваат и градоначалникот и вработените од општината за да го разгледаме незаконското работење во училиштето и да ги појасниме сите недоразбирања во последните неколку месеци,“ рече Цвета Пешевска претседателка на Совет на родители.

Родителите најавија дека и утре, наутро ќе бидат пред влезната врата на ООУ„Тодор Јанев“.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.