(Видео) „Патрола“ на РТС повторно низ Македонија: Многу прашалници за состојбата со автопатот „Пријателство“ а дел од нив и за велешката делница
Делницата од автопатот „Пријателство“ помеѓу Куманово и Петровец е како тромболина, наликува на автопат но не е така. Делот којшто со години се градеше од Петровец до Катланово конечно добил лик на автопатска делница за наредниот век, со најсовремена сигнализација , иако нема соодветна ограда помеѓу еден до друг поставени коловози за возење во различен правец. Тоа место служи за влегување на автомобилите од спротивната страна преку полукружно завртување. Новинарот се чуди на тоа што го видел со сопствени очи. Вака во емисијата „Патрола“ на Радио Телевизија Србија се раскажува за патната инфраструктура во Македонија како предупредување за возачите од нашиот северен сосед кои во екот на туристичката сезона ќе патуваат на одмор во Грција.
„Патролата“ се навраќа и на минатогодишните забелешки кои се однесуваат на исклучувањето од автопатот кај наплатна станица „Сопот“ поточно кон езеро “Младост“. И ако од една страна со пофални зборови се прикажува новопоставената сообраќајна сигнализација, на раскрсницата кај село Новачани и хотел “Романтик“, којшто инаку се препорачува за ноќевање или мал одмор на граѓаните од Србија, сепак камерите на „Патрола“ го уловиле и коловозот што наликува на шаховска табла. Новинарот, а не надлежните, подига и паднати сообраќајни столбчиња на автопатот!
Чудно за „Патрола“ е неажурноста на службите за одржување на патната инфраструктура во Македонија. За десеттина чуденки раскажува новинарот. Тие се неразбрани и за совесните возачи во Македонија. Но додека ние ги одмолчуваме, странците во видео приказ ги шират низ светот!
Погледнете ја емисијата и обрнете внимание на тоа што странската медиумска куќа пренесува во делот којшто се однесува на Велес, од 27:00 до 29:24 минута. Иако сметаме дека целата емисија е едукативна иако трае 1:17 минути.
Убавка Јаневска