„Вкусот на Тиквешијата“ – Саем на локални производи во Кавадарци

Градскиот пазар во Кавадарци, денеска, точно на пладне се претвори во вистинска ризница на традицијата, мирисите и вкусовите на Тиквешијата. Под наслов „Вкусот на Тиквешијата“, се одржа саем на локални производи, во организација на Комисијата за еднакви можности при Општина Кавадарци.
Настанот беше посветен на домашното, автентичното и незаменливото – она што се создава со срце и раце, низ генерации. Посетителите имаа можност да уживаат во автентични производи: слатко од грозје како од бабината трпеза, традиционално сирење, домашен мед, рачни везови, како и бројни други производи подготвени со љубов и умешност од локалните производители.
-Вкусот на локалните производи ја раскажува приказната на еден народ. На раце што создаваат, на срце што не заборава. Ќе имаме кошници полни задоволства што мирисаат на едно детство, изјави Марија Камчева, координатор за еднакви можности при Општина Кавадарци. Таа ги повика граѓаните да го поддржат трудот на локалните производители и да ја негуваат традицијата.
Саемот претставуваше и можност за директна продажба, при што граѓаните можеа да купат производи и да разговараат со самите производители, почитувајќи го нивниот труд, време и знаење.
„Вкусот на Тиквешијата“ потсети дека вистинските вредности живеат меѓу нас – во домашните кујни, во старите рецепти, во занаетите што не исчезнуваат и во луѓето што ги чуваат.
Дума.мк


