Во ООУ„Блаже Конески“ едукативен настан „Здравјето пред се“!
„Децата не треба да се плашат од своите лекари, треба редовно да ги мијат рацете и да ги четкаат забите!“ Ова беа дел од препораките коишто лекари, стоматолози и медицински сестри им ги кажуваа на прво одделенците во ООУ „Блаже Конески“ по повод 7 април, Светскиот ден на здравјето. Во поливалентиниот простор на училиштето, денеска, под мотото „Здравјето пред се“, се одржаа низа активности од страна на учениците во коишто активно беа вклучени и нивните родители.
Одделенската наставничка Славица Петрова, организаторка на овој настан, рече дека по повод Светскиот ден на здравјето во училиштето биле спроведени повеќе активности.
-Најмалите имаа да изработат боенка, второ, трето и четврто одделение учествуваа на ликовен конкурс и избравме по троја најдоври во три категории, додека учениците од петто одделение изработуваа презентации на тема здравје. На оваа интерактивна приредба на којашто се вклучија и родителите на нашите ученици коишто се медицински работници и вршеа едукација на најмалите ученици за тоа што значи примарната здравствена заштита, што значи превентивната, специјалистичката здравствена дејност, додаде Петрова.
На самиот крај, сите присутни беа послужени со здрава храна, поточно разни видови на овошје и зеленчук којшто ги донира родител, сопственик на пиљарата „На пазарче кај Боге“ .
Стефани Манева