Во Општина Велес во новата учебна година има 5.223 основци и 1985 ученици во средните училишта
Вкупно 7.208 ученици посетуваат настава во учебната 2023/2024 година, во седумте општински основни училишта и во четирите средни училишта на територијата на Општина Велес. Од нив основно образование посетуваат вкупно 5.223 ученици и 1.985 ученици се следат настава во средно образование. Во Општината годинава има вкупно 470 првачиња додека бројот на ученици запишани во прва година изнесува 583 ученици.
Најголем број на ученици има во ООУ „Васил Главинов“ поточно 2.168, второ основно училиште според бројот на ученици е ООУ „Блаже Конески“ каде настава следат 1.084 ученици. Потоа трето е ООУ „Панко Брашнаров“ со вкупно 698 ученици додека во „Св. Кирил и Методиј“ учат вкупно 609 ученици. Од основните училишта на територијата на општината најмногу ученици кои посетуваат настава има во ООУ „Лирија“ во Бузалково или вкупно 527 ученици, додека во ООУ „ Стојан Бурчевски Буридан“ во село Иванковци оваа учебна година учат 85 ученици а во ООУ „Рајко Жинзифов“ во село Горно Оризари на настава се вкупно 52 ученици.
Од средните училишта со најголем број на ученици е ССОУ „Коле Неделковски“ или вкупно 867 ученици, во ССОУ „Димитрија Чуповски“ има вкупно 510 ученици, потоа во Гимназија „Кочо Рацин“ се запишани 430 ученици додека во ОСУ „Јовче Тесличков“ настава во учебната 2023/2024 година ќе следат вкупно 178 ученици.
По единаесет дена од поставените новинарски прашања на Дума.мк, Општина Велес се одважи и одговори денеска и соопшти дека во сите единаесет основни и средни училишта започната е наставата на први септември.
Убавка Јаневска