Во Велес нема потврдени случаи на голема кашлица, процентот на вакцинирани деца во службата за училишна превентива изнесува 98%
Познатата вакцина како „ДиТеПер“, во службата за училишна превентива при ЈЗУ Здравствен дом Велес, којашто се аплицира на седум годишна возраст ја имаат примено голем број на деца, поточно 98% од Велес, Градско и Чашка. Со оваа бројка службата за училишна превентива во велешкиот Здравствен дом се издигнува на прво место на ниво на Македонија според успешност на вакцинирани деца. Раководителката на училишна превентива, др Лидија Проданова, за Дума.мк изјави дека вакцинацијата е најдобар начин за заштита на децата од Пертусис.
-Многу мал број, поточно околу 30 деца ја немаат примено оваа вакцина кај нас во училишната служба. Затоа денеска ние ги исконтактиравме родители да дојдат да се прими вакцината поради сериозната состојба којашто ја имаме во државата и големиот број на потврдени случаи. Ние искрено се надеваме дека и овие 2% на деца ќе ги извакцинираме во наредните две недели со што ќе имаме 100% успешна вакцинација. Во нашата служба редовно се примаат сите вакцини и немаме проблем. Родителите своите деца може да ги донесат во секое време без најава и дополнителни покани кај нас и да ја примат вакцината, додаде др Проданова.
За разлика од службата за училишна превентива, во службата за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца при ЈЗУ Здравствен дом Велес процентот на вакцинирани деца е на многу пониско ниво. Поточно, процентот на опфат над една година вакцинирани деца во оваа служба е 79,3%, на ниво на трите општини Велес, Градско и Чашка. Само на ниво на Велес опфатот е 71% за 2023 година а бараниот опфат којшто спречува појава на било која епидемија е од 95% до 98%, што значи дека секое трето дете во градот нема примено вакцина.
– Општините Градско и Чашка како и околните села имаат многу добар опфат на вакцинирани деца, затоа и нас просекот на установа и на ниво на општина ни е 79%, за сметка на селата и на другите две општини. Поточно кај нив процентот на вакцинирани деца изнесува 95,5%, во градот Велес 70,9% и просекот на установата на трите општини е 79,3%. Со што ако го земеме само градот Велес и селата коишто се под градот бројот на вакцинирани е на незадоволително ниво, рече д-р Марина Тодоровска од службата за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца при ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Др Тодоровска апелира до родителите да доаѓаат и да ги вакцинираат своите деца.
– Кај нас бројот на вакцинирани деца до годината е задоволителна, додека после годината нагло опаѓа бројот иако постојано ги покануваме и контактираме родителите да доаѓаат. Дел не доаѓаат поради тоа што дечињата им се болни, а останатите и бидејќи не сакаат да ги вакцинираат своите деца. Сите родители коишто доаѓаат во амбулантата добиваат одговор на сите прашања, детално се разговара околу вакцините и затоа ги поканувам сите родители коишто имаат недоумица околу вакцините да дојдат, ќе разговараме заедно со цел да се расчистат сите дезинформации. Се што се пропуштени дози и до годината и после тоа, се индицидуални дози коишто може да се примат секој работен ден, во било кое време и детето веднаш ќе биде вакцинирано, додаде др Тодоровска.
Инаку вакцините кои се аплицираат се француски од компанијата производител Sanofi Pasteur. Во предучилишна возраст се работи со шест валентни (Hexaxim) и пет валентни вакцини (Pentaxim) а во училишна возраст со четири валентна вакцина (Tetraxim).
Стефани Манева