Во велешко „Коле Неделковски” пет дена гости од Техничка школа од Власотинце, ќе се разменуваат образовни искуства но ќе се учи правење и на Пита пастрмалиа (видео и фото)

Професорите Јована Станковиќ и Срѓан Јовиќ заедно со осум ученици на Техничка школа од Власотинце пристигнаа претпладнево во Велес. Целта на нивниот претстој во ДСУ РЦСОО “Коле Неделковски” е да се запознаат со работата и особено со реализацијата на наставата во најголемото средно училиште во Велес кое постигнува одлични резултати во образовниот процес и на општинско и во државата. Посетата е дел од петгодишната воспоставената меѓународна соработка во која досега двете средни училишта соработуваа со тоа што професори остваруваа наизменични средби и разменуваа стручни искуства додека од последната година ги вклучија и учениците, рече директорот Горан Богоевски на ДСУ РЦСОО “Коле Неделковски”.

Професорката Јована Станковиќ која ги предава предметите од електротехничката струка во Техничката школа во Власотинце ги соопшти бенефитите од ваквиот начин на меѓународна соработка со велешкто, од минатата година државно средно училиште.
-Пред се мислам дека голем бенефит е дужењето и стекнувањето на новите пријателства. Драго ми е што нашите ученици останаа во контакт со учениците од „Коле Неделковски“ по нивниот престој, минатата година, во Техничката школа во Власотинце. Ќе ги размениме искуствата од повеќето струки коишто се изучуваат во двете средни училиште, пред се од електротехничката струка и машинството бидејќи тоа се два од седумте профили за кои се образуваат учениците во нашето училиште. Сепак учениците ќе имаат можност да научат и нешто ново од другите смерови кои образуваат профили во Велес а ние ги немаме, како што е угостителскиот смер. Задоволни сме од посетата на учениците на „Коле Неделковски“ во Власотинце. Сега домаќините убаво не пречекаа и се надевам дека ќе имаме убаво дружење неделава, додаде Станковиќ.

По пречекот, домаќините на гостите, им проектираа видео презентација на градот Велес и на општината со цел да ги запознаат со историските и културните споменици, најзначајните личности и традиционални вредности.


По проекцијата двајца од учениците, Петар Каров и Филип Милиќ, споделија свои мислења за тоа што за нив значи можноста да бидат дел од воспоставената соработка помеѓу двете средни училишта од двете соседни држави.
-Нашето пријателство е ново, од пред пет месеци, кога Петар беше во Власотинце како гостин на моето училиште а јас бев негов домаќин. Многу сум среќен што запознав другар како Петар, што го имам и што понатаму ќе го имам. Од тогаш ние сме во постојан контакт, се допишуваме и контактираме со видео повици. Еве сега јас сум во посета на училиштето на Петар и првичниот впечаток е убав како за училиштето така и за градот. Мислам дека убаво ќе си поминам во Велес. Очекувам и понатаму да останеме добри пријатели, рече ученикот Филип Милиќ . Тој се образува за техничар за индустриска роботика во Техничкото училиште во Власотинце.

Денешниот ден за гостите од Власотинце е порелаксиран. Тие ќе го разгледаат училиштето и Велес. Веќе од утре започнува реализацијата на агендата според која ќе бидат гости и ќе го видат производството на „Маркард“, како еден од социјалните партнери во Дуално образование на ДСУ РЦСОО “Коле Неделковски” по што следи посета на Народен музеј со спомен куќите на Васил Главинов, Кочо Рацин и на Касапови.

Во среда, 8 октомври, во ДСУ РЦСОО “Коле Неделковски” ќе се одржи работилница за менување на летни и зимски пневматици со учениците од Машинска струка за потоа да го посетат Извиднички центар во Голозинци каде освен пикник ќе се одржат работилница со опрема за изведување на практични вежби.


Во четврток, на 9 октомври, е закажана посета на Машински факултет во Скопје и разгледување на повеќе културно историски споменици како и на кањонот Матка.

Тоа што е особено интересно е оставено за крај на посетата кога домаќините, учениците и професорите од угостителската струка на ДСУ РЦСОО “Коле Неделковски”, во петок, на 10 октомври, ќе реализираат работилница за подготовка на Пита пастрмајлија со можност во практичниот дел и гостите да се вклучат во мајсторството на велешкиот гастрономски бренд.
Убавка Јаневска


