За фирми и невработени во тек е мерката за субвенционирање на вработување
Фирмите кои имаат потреба од работници или работниците кои бараат вработување во фирми од денеска, петок 8 јуни до понеделник, 12 јуни, можат да поднесат пријава за документи во Центарот за вработување во Велес и да учествуваат за користење на мерката субвенционирање на вработување, субвенција на плати, чија цел е поддршка за вработување на невработени лица кои потешко се вклучуваат во пазарот на трудот. Оваа субвенција е дел од Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година.
Од Центар за вработување Велес појаснуваат дека станува збор за мерка со која на работодавачите им се доделува финансиска помош за исплата на бруто плата во износ од 19.000,00 денари месечно, за период од 6 месеци, со обврска да го задржат лицето во работен однос дополнителни 12 месеци. Тоа е мерка со која микро, малите и средните претпријатија, како и до социјални претпријатија и граѓански организации можат да го прошират и развијат сопствениот бизнис, со отворање на нови работни места.
Исто така, Агенцијата за вработување објави повик и за втора мерка, финансиската поддршка за вработување на лице на возраст над 29 години со искористување на износ од 92.000 денари како и за вработување на лице до 29 години возраст за кое поддршката изнесува 153.750 денари. Со оваа мерка можат да се вработат лица кои се корисници на гарантирана минимална помош и невработени лица Роми. За нивно вработување државата субвенционира 200.000 денари, а за жени Ромки со завршено средно или високо образование поддршката од 220.000 денари.
Заинтересираните фирми и невработени лица сите информации можат да се добијат во Центарот за вработување во Велес.
Убавка Јаневска