За лицата со телесен инвалидитет и попреченост сè уште не пристапни институциите во Велес
Најголема пречка за лицата со хендикеп или телесен инвалидитет сè уште е пристапот до локалните институции, компаниите со услужни дејности како и државните инситутции коишто исто така имаат подрачни единици во Велес. Состојбата не е поразлична ни кога станува збор за државните инстуции во главниот град на државата. Ова се најголемите бариери што лицата со попреченост или телесен инвалидитет ги чуствуваат. Со децении наназад работат на уривање на бариерите граѓанските организации во соработка со општините и институциите формирани од нив. Ако во дел од нив веќе е обезбедена можноста да влезат граѓани коишто користат инвалидски колички, штаки или други медицински помагала на овој проблем се уште треба да се работи.
-Беше ветено од страна на Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на денешната средба прво да се оспособат институциите коишто спаѓаат под локалната самоуправа, со цел да бидат достапни за сите лица со телесен инвалидитет и да се интервенира истите постапки да ги следат и институциите коишто имаат државна надлежност. Ние како Меѓуопштинско здружение на лица со телесен инвалидитет на општините Велес, Градско и Чашка „Мобилност Велес“ успеавме преку проекти во соработка со Вардарски плански регион чиј донатор беше Амбасада на Швајцарија во С.Македонија да им помогнеме на училиштата во градот и да изградиме пристапни патеки. Сега треба да продолжиме со компаниите кои даваат услуги на граѓаните, со хотелите, рестораните, кафетериите, со продавниците од трговската мрежа и таму граѓаните со инвалидитет и лицата со попреченост имаат потреба за поголема пристапност. Исто така, ние ги таргетиравме и спортските терени затоа што граѓаните кои спаѓаат во овие две категории имаат потреба и од спортување, посета на културни манифестации па и друг карактер за што нашите членови изразуваат интерес и имаат потреба, рече секретарот на здружението Миланчо Арсовски.
Единствено само основното училиште „Блаже Конески“во градот нема до сега изградено пристапна патека. Затоа тоа е таргетирано како приоритет на „Мобилност Велес“. Ова здружение исто така, преку проекти ќе се обиде во 2022 година да ги подобри постоечките услови и во останатите училишта во кои има изградено пристапни рампи или поставено лифтови што не е некој висок процент ако се земе во предвид институционалната инфраструктура во градот. Арсовски додава дека кога оваа пречка нема веќе да претставува бариера тогаш ќе можат да размислуваат, пишуваат проекти и обезбедуваат финансиски средства за останатите приоритети коишто се високо позиционирани во листата за што попристапен Велес. Проценките на граѓанскиот сектор се дека не само на трети декември, Денот на лицата со попреченост туку за важноста на овие проблеми треба да се разговара, договора и решава континуирано во текот на целата година.
Стефани Манева