Загина работник од Неготино при поправка на електрична бандера
Шеесет и едногодишен електричар паднал од корпа, којашто се наоѓала на висина од пет метри, воздушно, додека поправал електрична бандера на патот Неготино – село Дисан. Падот бил кобен по неговиот живот. Немилиот настан се случил во 11:30 часот. Загинатиот бил професионален работник на ЈП „Македонски железници“ којшто дополнително работел во приватна фирма. Приватната фирма била налогодавач на неговите работни задачи за поправката на електричната бандера.
На лице место излегла увидна екипа на Полициска станица Неготино и Јавен обвинител на Основно јавно обвинителство Неготино по чија наредба телото на загинатиот работник било предадено на обдукција.
На увидот присуствувал и инспектор на Министерство за труд и социјална политика по што следела постапка на проверка на работното досие на загинатиот работник. Обвинителот побарал трудовиот инспектор да му го испрати досието заедно со извештај од проверката кои ќе ги испрати на ОЈО Кавадарци.
Во тек е предистражна постапка за утврдување на причините на несреќата.
Убавка Јаневска