Започна првиот уписен рок за новата академска година на Технолошко – технички факултет во Велес
Вкупно седумдесет и пет бруцоши ќе можат да се запишат на првиот академски уписен рок и да го продолжат своето образование во високо образовната институција Технолошко – технички факултет во Велес. Првиот уписен рок започна денеска, на 21 август, и ќе трае три дена, поточно до среда, 23 август. На факултетот во нашиот град, понудени се две студиски програми коишто се изучуваат четири години, тоа се Прехранбена технологија и биотехнологија и Нутриционизам. На двете програми можат да се запишат вкупно 25 студенти од кои 20 редовни и пет вонредни. Истиот број на студенти може да се запишат и на студиите за нутриционизам во Битола.
-Студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија овозможува стекнување на инженерски знаења потребни за водење на процеси при преработка на храна и други биолошки материјали. Дипломираните инженери се квалификувани за контрола и подобрување на постоечките процеси, како и креирање на нови производи и технологии во согласност со системите за безбедност и квалитет во прехранбената индустрија и биотехнологијата. Додека, со студиска програма нутриционизам студентите добиваат компетенции во креирање и производство на храна со оптимални, односно функционални нутритивни карактеристики и нови храни, во фитнес центри и велнес студиа, едукација и промовирање на правилната исхрана на индивидуално и популационо ниво (health promotion, консалтинг студиа за правилна исхрана, диет клубови и др), работа во здравствени установи, работа во службите за храна: хотели, ресторани, мензи, градинки, училишта, студентски домови, домови за стари лица или во научно истражувачки институции, соопштија од Технолошко – технички факултет во Велес.
Она што е битно за идните студенти во Велес е дека сите бруцоши коишто ќе се запишат на прв циклус студии без разлика на која студиска програма, се ослободуваат од плаќање на партиципација за првиот семестар. Целта на факултетот е да ги поддржат идните студенти во остварувањето на нивните соништа без да се грижат за финансиските оптоварувања.
Технолошко – технички факултет во Велес спаѓа под Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола како дел од вкупно 11 универзитетски единици.
Стефани Манева