ЗГ„Акцијаш ветерани“ со гости од Македонија, ги исчистија од смет и отпад дворот на брана „Лисиче“ и фудбалското игралиште во населба Чашка (видео и фото)

Објавено на 5 октомври, 2025 во 12:41

Вкупно 67 поранешни акцијаши сега ветерани, викендов, учествуваа на традиционалната Годишна еко акција и средба организирана од ЗГ „Акцијаш ветерани“ од Велес во Извиднички центар „Голозинци“ во Општина Чашка. Четириесет домаќини, членови на ова велешко акцијашко здружение и 27 гости од Здруженијата „Скопје“ од Скопје,  „Пат на младоста“ од Штип, „Акцијаш“ од Гостивар, „Кумановски акцијаши“ од Куманово и „Битолски акцијаши“ од Битола беа учесници на две доброволни работни акции. Тие волонтерски на првата траса од смет и од отпад го исчистија дворот на брана „Лисиче“ и на втората траса фудбалското игралиште во населба Чашка.

-Се поделивме во две групи. Првата група на акцијаши ветерани работеа волонтерски и за четири часа го собраа сметот и отпадот на еден од бреговите на акумулација „Лисиче“. Втората група го исчисти фудбалското игралиште и околината во населба Чашка. Ова е наша традиционална Годишна средба која е посветена на акцијаштвото со кое ние поранешните бригадири на Младинските работни акции сега придонесуваме за почиста животна средина и поквалитетен живот на граѓаните во локалните заедници, рече Горан Петков претседател на ЗГ„Акцијаш ветерани“.

Извидничкиот центар во Голозинци, викендов, изгледаше како бригадирска населба. Акцијашите ветерани двата дена ги започнуваа со постројување и подигнување на македонкото знаме. Потоа по утврден распоред заминуваа кон трасите за работа. По завршување на бригадирските активности се враќаа во Извиднички центар за да се одморат и меѓусебно да се дружат. Следеше вечерното постројување и спуштање на државното знаме а потоа договор за изведување на наредни заеднички акции во Велес и останатите градови Скопје, Штип, Битола, Гостивар и Куманово.

Годинава на традиционалната средба имаше и свеченост на која претседателот на Управниот одбор на ЗГ„Акцијаш ветерани“, Јосив Манев на континуираните помагатели на акцијашките активности им додели благодарници.  Благој Шалев од Ротари клубот, Верољуб Додевски од Општинската организација на Црвен крст Велес и Борче Георгиевски, претседател на Сојуз на акцијаши на Македонија ги примија благодарниците.

Горан Петков им се заблагодари за учеството на традиционалната Годишна средба на акцијаши и им подели благодарници на претставниците на граѓанските здруженија од Скопје, од Штип, од Гостивар, од Куманово и од Битола.

Свеченоста заврши со заеднички ручек, на кој беше послужено традиционалното акцијашко гравче и дружење со пеење на бригадирски и македонски народни песни.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.