Атлетичарот Димитриевски трет во генерален пласман на Македонска тркачка лига 2025
Објавено: 1 декември, 2025, во 16:01 часот
Роберто Димитриевски, член на Атлетскиот клуб „Велес“, треторангиран е во генерален пласман на Македонската тркачка лига за 2025 година која за првпат ја организира Атлетскиот клуб „Меридиан“ од Кавадарци, во соработка со атлетските клубови во земјава. Признанието и медалот на Димитриевски му беа врачени на свеченост која што се одржа вчера во Кавадарци и беше организирана од кавадаречкиот АК „Меридиан“ во соработка со останатите атлетски клубови од земјава како и со финансиска поддршка на Општина Кавадарци и други спонзори.
Роберто Димитриевски од АК „Велес“ годинава истрчана 12 од вкупно 13 трки во земјава кои се бодуваа во Македонската тркачка лига и освои 6184 поени. Тој за Дума.мк изјави дека е пресреќен од постигнатиот успех во Македонската атлетска лига која прв пат организира ваков настан во државата.
-Годинава учествував на сите атлетски трки во лигата освен на „Шри Чин мој маратон“, но здравје вгодина ќе се натпреварувам. Инаку ги истрчав сите други трки, од првата на 9 март во Кавадарци до последната „November Run“ во Гевгелија, на 15 ноември. Некој по дожд, некој по сонце, некој на студ и по лизгав калив терен, но никогаш не се откажав без разлика дали се лизгав, паѓав, или имав болки во нозете. Како резултат на моите напорни тренинзи и добра физичка подготвеност секогаш стигнував на целта и бев меѓу првопласираните на многу трки, што се должи на освоеното високо трето место во генерален пласман на Македонската тркачка лига за 2025,“ додаде Димитриевски.
Тој воедно му се заблагодари на своето семејство, на родителите и сестра си, кои го придружуваат и бодрат секаде каде што се натпреварува. Исто така, упати апел до локалната власт и градоначалникот на Велес, Марко Колев за исполнување на ветеното обновување на руинираната атлетска патека на Градски фудбалски стадион „Зоран Паунов“ со што смета дека ќе се создадат услови за квалитетни тренинзи за сите велешки атлетичари и спортисти како и за големиот број граѓани коишто се рекреативци. Воедно побара и просторија за сите професионалните атлетичари, што би ја користеле како соблекувална, откако претходната власт им ја одзеде поради пренамена во тоалет.

Македонската тркачка лига во 2025 година медали и признанија им додели на прворангираниот Жан Тосев од АК „Струмица“, припадник на Армијата, кој освои 7304 бода на 11 трки, на второрангираниот Григоријан Никовски од АК „Делта“ од Скопје со истрчани 10 трки и освоени 6532 бода и треторангираниот Роберто Димитриевски од АК „Велес“ од Велес со истрчани 12 трки и освоени 6184 поени. Четврторангиран е Александар Арсов атлетичар од Штип со освоени 6115 бода на 9 трки, петорангиран е, исто така, велешки атлетичар, Трајче Илијевски атлетичар на АК „Борец“ Велес со истрчани 12 од вкупно 13 трки и освоени вкупно 5958 бода и шесторангиран Петре Завировски кој ги има истрачано сите 13 трки, годинава, со освоени 5209 поени.
Кај жените најдобро рангирана е Мирјана Ристиќ од АК „Делта “ од Скопје со освоени 8180 бода на 10 истрчани трки. Второ рангирана е Адријана Поп Арсова од АК „Делта“ со 6332 бода освоени со учество на 7 трки во лигата.Трето рангирана е Теа Божиновска од АК „Скопски Маратон“ со освоени 5 658 бода со учество на 7 трки, годинава.
На спортската манифестација, исто така, беа прогласени и најдобрите во повеќе возрасни категории од кои најстара е категоријата во која трчаат атлетичари со над 70 години.
Годинава, Македонската тркачка лига одржа 13 атлетски трки од кои првата на 9 март, „Кавадарчки полумартон“ и последната „November Run“ на 15 ноември. Меѓу нив е и велешката трка „Трчаме за Рацин“ а најмасовната секако е „Визер Скопски маратон“.
Убавка Јаневска

