ФК „Превалец“ со засилување, стартот на првенството на трета лига доцни а ковид мерките влијаат и врз трошоците
Екипата на фудбалскиот клуб “Превалец” се подготвува за стартот на првенството на третата лига – центар. Секојдневно се одржуваат тренинзи на игралиштето во населба Превалец но и се играат контролни средби. Бидејки почетокот на првенството се одложи и ќе започне релативно доцна, на 3 ти Октомври, тренерите имаат проблем со темпирањето на формата.
Првенството доцни еден месец. Причина се ковидот и мерките за превенција. Фудбалерите треба да се вакцинирани или потребен е тест, не постар од 72 часа, пред секој натревар. Се ова ги зголемува трошоците на клубовите, бидејки тестовите не се ефтини.
Димче Маневски тренерот на ФК „Превалец“ е задоволен од тоа како течат подготовките.
-Имаме најдобар терен во околината којшто секојдневно се одржува и дозволува максимално да се користи за тренинзи и натпревари. Од минатата сезона сите фудбалери се останати во клубот. Имаме четири нови млади играчи од ФК „Борец“ и голман од ФК „Бабуна“. До почетокот на првенството ќе играме пријателски средби. На последната со екипата на “Пљачковица” одигравме нерешено 1:1. Играта беше одлична и формата на фудбалерите оди во нагорна линија. “
Да напоменеме дека од формирањето на третата лига па до сега, шеснаесет години, ФК „Превалец“ е во ова натпреварување и амбициите за сезонава се пласман во горниот дел на табелата.
Лазар Лазаровски