Костовски ја плаќа котизацијата а за мецена на ФК Борец заинтересиран и Македонец од Америка!

Објавено на 7 јули, 2013 во 12:55

Утре или задутре на жиро сметката на Фудбалската Федерација на Македонија ќе легне првата половина од парите што ФК Борец треба да ги уплати на име на котизација за натпреварување во втората македонска фудбалска лига. Клубот со 8 илјади евра ќе го помогне Трифун Костовски.

Деновиве, на велешко езеро, управата на Борец имала средба со Костовски. Откако му го презентирале планот и амбициите на клубот да се натпреварува за освојување на едно од првите места во Втората лига Костовски ветил помош. Извор на Дума.мк тврди дека почесниот граѓанин на Велес веќе имал контакт и со ФФМ каде најавил дека тој ќе ги плати парите.

Управата на велешкиот второлигаш барала од Костовски и стопроцентно влегување во Борец. Тој за оваа опција побарал време за изјаснување. Од ФК Борец не ги демантираа овие информации.

Според претседателот на клубот Кире Јачев официјална информација ќе биде соопштена деновиве. Тој појасни дека во никој случај нема да се откажат од соработката со Костовски но бидејќи за почеток на клубот му се потребни околу 50 илјади евра бараат соработка и со други заинтересирани спонзори. Сериозни намери за влегување во Борец покажал и Македонец кој сега живее и работи во Сиетел, во Америка.

– Овој Македонец сака да застане зад клубот, поточно да биде официјален спонзор. Тој ги знае нашите амбиции за влегување во првата македонска лига. Од контактите што досега ги имавме можам да кажам дека станува збор за сериозно заинтересиран инвеститор кој освен во клубот сака да влезе и во реконструкција на Градскиот фудбалски стадион. Единствениот услов е стадионот да го добие под концесија од најмалку 20 години, рече Јачев.

За намерите на Македонецот од Америка бил информиран и градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев. На средбата со него управата на ФК Борец ги презентирала сите информации по што паднал договор да се изјасни Советот на општината. Сега на една од наредните седници се очекува расправа и изјаснување од страна на советниците./А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.