15 отсто повисоки плати од септември -постигнат договор помеѓу Владата и СОНК
Претседателот на СОНК Јаким Неделков и министерот за образование и наука Јетон Шаќири објавија дека по 19 дена преговори со медијатор, успешно го решиле спорот: вработените во основното и средното образование ќе добијат 15 отсто повиски плати од септември, ќе има усогласување на платите со минималната, ќе се потпишат колективни договори со другите барања и штрајкувачите ќе добијат дневници за деновите на штрајкот.
„Ги приближивме ставовите. Во препораката од посредникот, платите во основното и средното образование ќе се зголемат за 15 отсто од септември. Во оваа прилика да кажам дека овој процент ќе важи и за преговорите што ги водиме со МТСП. Дневници ќе се исплатат за деновите на штрајкот, потоа колективните договори ќе се потпишат до крај на септември со барања и ставки за кои се договоривме да се расправа“, рече Неделков.
Шаќири: Секогаш ќе се трудам да ги подобрувам условите на наставнот кадар
Конечно постигнавме договор со СОНК, пишува министерот за образование и наука, Јетон Шеќири вечерва на социјалната мрежа Фејсбук по неколкучасовната средба со СОНК.
„Од септември наставниците ќе имаат 15% повисоки плати.Секогаш ќе се трудам да ги подобрувам условите на наставнот кадар!Им се заблагодарам на соработката на Владата и на сите што придонесоа за овој процес успешно да се финализира“, стои во постот на министерот Шаќири.
Премиерот Димитар Ковачевски информираше дека е постигнат значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од 15% почнувајќи од септември.
„Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието.До пред само 5 години, максималното зголемување на платите беше 4%, без глобални кризи“, напиша Ковачевски на социјалните мрежи.