АХВ: Вонредни, засилени контроли пред велигденските празници, уништени се 1230 килограми месо и преработки од месо како и јајца

Објавено на 13 април, 2025 во 11:52

Вонредните и засилени контроли ги спроведуваат официјални ветеринари и инспекторите за храна, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) .

„Во рамки на 350 надзори на операторите со цел спречување на пласирање на небезбедна храна и нелегална трговија со јајца, бои за јајца во пресрет на велигденските празници, како небезбедни уништени се 1230 килограми различни видови производи, најмногу месо, преработки и подготовки од месо, но и јајца, бои, мед, ракија, маслиново масло и други призводи,“ пишуба во соопштението.

За утврдените недоследности со вонредните контроли изречени се казни во висина од 3650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување.

„Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните“, велат од Агенцијата.

Ги охрабруваат граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.