Царовска: Постигнавме целосна инклузија во делот на основното образование
Лицата со попреченост можат и го менуваат светот. Тие се подеднакво активни учесници во општествените процеси и промени. Овој 3-ти Декември, испраќаме силна порака дека сите ние, лично и институционално, треба да се бориме против стереотипите дека попреченоста е бариера за поединецот да поставува лични цели, да се стреми кон нивно остварување и да дава придонес кон развојот на државата.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, посочувајќи дека МОН и Владата направија значаен исчекор во унапредувањето на правата и можностите за квалитетно образование на децата со попреченост. Како што рече, во 2021-ва година, образовниот систем значително го подигна нивото на инклузивност, а напорите на институциите на системот предводени од МОН имаат конкретен исход.
„Постигнавме целосна инклузија во делот на основното образование. Новите материјали за учење се достапни во електронска и аудио верзија, а за прв пат и на Брајово писмо за сите ученици со оштетен вид. Посебните основни училишта се трансформираа во училишта со ресурсни центри, стручните служби во училиштата се зајакнати, а услугата образовна асистенција стана системско решение. Во моментов 500 образовни асистенти обезбедуваат поддршка во процесот на едукација за учениците во редовните училишта и тоа повеќе не е трошок на семејствата на учениците, туку обврска на државата“, рече Царовска.
Со цел да го поттикне вклучувањето на децата со атипичен развој во редовна настава, МОН во соработка со европските партнери и граѓанскиот сектор обезбеди стипендии за запишување во прво и за второ одделение, а зголемен е и месечниот износ на стипендиите кои МОН ги доделува за средношколците со попреченост за над 27%. Обезбедувањето на пристапност стана задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства од МОН за адаптација, реновирање или изградба на училишни објекти.
„Меѓународниот ден на лицата со попреченост е потсетник за сите да бидеме добри сограѓани, добри раководители на институциите на системот и да се заложиме лицата со попреченост да имаат поквалитетен живот, нагласи министерката Царовска.
Министерството за образование и наука, водејќи се по начелото на еднаквост, работи на натамошно унапредување на процесот на инклузија како еден од основните столбови на кои се темелат современите граѓански општества и образовни системи. Според Царовска, тоа е процес кој никогаш нема да запре.