Пекинг едвај дише од смогот!

Објавено на 14 јануари, 2013 во 11:01

За прв пат власта презеде мерки против смогот во кој живее пекинг последниве неколку дена. Возилата на администрацијата се редуцирани во сообраќајот, а фабриките се одграничени во производството.

Како што пишува Дојче веле драматична е состојбата со загадувањето на воздухот воо Пекинг кое од четвртокот се искачи на највисоко ниво. Особено штетните ситни честички на прашина и чад, кои преку белите дробови можат да стигнат директно до крвта, на повеќе места достигнува над 700 микрограми на кубен метар, а максимално  дозволената граница, според Светската здравстевена организација, во просек е 25 микрограми во рок од 24 часа.

Досега властите во Пекинг се задоволуваа со апели до граѓаните, што е можно помалку да се задржуваат на отворено. Но, се‘ погустиот смог сега предизвика неопходност од акција – воведен е втор степен на тревога, „портокалов“.

Планот за аларм на овој степен, според државната новинска агенција Ксинхуа, предвидува 30 проценти од автомобилите на владата, владејачката Комунистичка партија и градската управа да добијат забрана за возење. Освен тоа, емисијата на штетни гасови од 54 фабрики треба да биде редуцирана за 30 проценти. На 28 градилишта, каде се предизвикува голема прашина, работите се запрени, јавува Ксинхуа. Производството е запрено и во автомобилска фабрика на јужнокорејскиот производител Хјундаи. Учениците во основните и во средните училишта во екстремно погодените квартови на 20 милионската метропола до вторник (15.01) не смеат да изведуваат спорт на отворено.

Пекинжаните самите пак, против смогот се штитат како ќе стигнат. Големиот синџир на продавници на електроника Сунинг продал девет пати повеќе прочистувачи на воздухот од обично. Аптеките јавуваат повеќекратно зголемување на побарувачката на различни маски за лицето. Продажбата на овие маски на интернет од петокот е поголема за десет пати, а барани се пред се‘ маски против ситна прашина и чад. Во болниците е регистрирана силна навалица на пациенти со заболувања на дишните органи. Жителите на градот зачестено страдаат и од проблеми со срцето и крвотокот.

Загадувањето на воздухот во Кина е одамна голем проблем, кој ескалира дополнително поради брзата индустријализација на земјата, високата зависност од термоцентрали, растечкиот пазар на автомобили и ниските стандарди за заштита на природната околина. Смогот се јавува особено во зима поради греењето. Моментната криза во Пекинг е заострена и поради тоа што со денови нема ветер. Подобрување не се очекува пред средината на неделата.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.