Дојче веле: Глобалните климатски промени и се закануваат и на Македонија
Како кандидат за ЕУ Македонија е обврзана да придонесува кон ублажување на климатските промени преку намалување на испуштањето гасови во атмосферата. Ова подразбира вложувања стотици милиони евра во пречистителни станици.
Денеска, кога во светот се одбележува 15-ти мај, Меѓународниот ден за заштитата на климата, потребно е да се фрли уште еден поглед на еден глобален феномен, кој му се заканува на сето човештво и на сите држави во светот, вклучувајќи ја и Македонија: станува збор за веќе започнатите климатски промени и за глобалното загревање на планетата Земја, поради што многу држави за првпат во својата историја се соочија со невидени суши, огромни поплави и урагани.
Во март годинава Владата на Македонија и нејзиното Министерство за животна средина го претставија „Третиот национален план за климатски промени“, како стратегиски документ, со кој Македонија направи чекор напред заради придонесување кон глобалното справување со предизвиците од климатските промени. Овој „национален план за климатски промени“ содржи детални студии и сценарија како да се намалат растројствата на климата по пат на намалување на испуштањето на таканаречените „стакленички гасови“: јаглеродниот двооксид, метанот, азотниот оксид, хидрофлуорокарбонатите и перфлуорокарбонатите. Околу 75 – 80 проценти од јаглеродниот двооксид, кој во Македонија се испушта во атмосферата, се создава најмногу при согорувањето на горивата во енергетскиот сектор. Земјоделството учествува со 13 отсто во емитирањето на „стакленичките гасови“, главно, на метанот, а од индустриските процеси 6 проценти на таквите гасови.
Како земја – кандидат за Европската Унија и како членка на Европската енергетска заедница оваа држава станува сѐ повеќе обврзана да започне да ги намалува емисиите на „стакленичките гасови“ во атмосферата. Македонија веќе подолго време го усогласува домашното со европското законодавство во однос на енергетиката, како на пример, форсирање на употребата на обновлива енергија, стандарди за енергетска ефикасност во објектите за домување и опремата, намалувањето на загадувањето воздухот од термоелектраните и индустриските капацитети.
Покрај тоа, ако би влегла во ЕУ до 2020 година, Македонија би морала да ги спроведе европските политики и мерки за ублажување на климатските промени и да биде дел од заедничката шема на ЕУ за намалување на емисиите на „стакленичките гасови“ за 20 проценти до 2020 година. Ако влезот во ЕУ не се случи до овој рок, тогаш земјата веројатно ќе продолжи со примената на европските „климатски директиви“ со забавено темпо. Што сосема ќе им одговара на нејзината енергетика, земјоделство и индустрија, бидејќи според слободни, но и сосема издржани претпоставки, би биле потребни стотици милиони евра за воведување пречистителни станици и за филтри на индустриските објекти во погони, со цел да се намали, или во најголема мера да се сопре испуштањето на „стакленичките гасови“ во воздухот. Подзапирањето на темпото на евроинтеграцијата на Македонија и овозможува на нејзината финансиски истоштена економија барем засега да „се спаси“ од ригорозните европски еколошки стандарди.
Текстот во целост прочитај го тука.