Макстил и Југохром да не работат се до еколошкото прилагодување
Демократската обнова на Македонија (ДОМ) бара Макстил и Југохром да не работат до еколошко прилагодување. Од менаџерските тимови на компаниите бара да покажат хуманост кон луѓето во Скопје и Тетово, но исто така и почит кон законите на оваа земја, каде што, како што истакнуваат од партијата, го прават профитот.
– Тие беа единствените големи загадувачи кои го игнорираа рокот – 1 април 2014 и немаа ни почнато со набавка на еколошка опрема. Започнаа дури по изречените казни, изнудувајќи продолжување од шест месеци, со обврска да работат на минимум од 30 проценти од капацитетот за да можат да подигнат кредити за опремата. Но, со оглед на испуштањето облаци чад и прав, изгледа како да работат со 130 проценти, се вели во денешното соопштение од ДОМ.
Од партијата истакнуваат дека подготвуваат кривични пријави за непочитување на Законот за заштита на животната средина и за загрозување на здравјето на луѓето и животната средина, според член 43 од Уставот.