Земјите од регионот ќе бараат статус на набљудувачи на ЕУ
Турција собира поддршка за нова иницијатива со Србија, Црна Гора и со Македонија за добивање статус на набљудувачи на самитите на Европскиот совет и состаноците на Советот на ЕУ, рекоа официјалните претставници.
Државите што ги завршиле преговорите за членство во ЕУ досега учествуваат како набљудувачи на самитите и состаноците на Советот на ЕУ.
Ова е сè уште прелиминарна идеја, рече Гул Бујукершен Орал, прв советник во турската амбасада во ЕУ.
„Штом созрее инцијативата, со задоволство ќе ја објавиме“, рече Орал.
Еден ден овие земји ќе седнат на масата на ЕУ иако некои од нив веќе функционираат на заедничкиот пазар, рече Ивица Боцевски, поранешен македонски премиер за европска интеграција.
„Земјите на ЕУ немаат што да изгубат и секој чекор кон интегрирање во ЕУ е повеќе од добредојден за земјите од регионот“, изјави Боцевски за SETimes.
Боцевски рече дека секој самит и состанок на ЕУ претставуваат можност официјални претставници да разговараат за релевантни прашања со претставници на другите нации, а со новата иницијатива, земјите-кандидатки ќе можат да ги искажат своите ставови.
„Оваа иницијатива за мене е само позитивна, нема ништо лошо во врска со неа, иако не очекувам дека ЕУ ќе ја спроведе веднаш“, рече тој.
Тања Фајон, член на европскиот парламент од Словенија, рече дека најверојатно иницијативата нема да биде спроведена во постојната законодавна рамка на ЕУ.
„Сепак, процесот на членство во ЕУ е дефиниран така што се интензивира размената на информации меѓу релевантните институции на ЕУ и идните членови. Затоа треба да … поттикнеме поголем пристап до релевантни информации. Ова е тоа што се обидуваме да го постигнеме во европскиот парламент“, изјави Фајон заSETimes.
Иницијативата е позитивна и реалистична ако има политичка волја да се спроведе, рече Ристо Никовски, поранешен македонски амбасадор во Обединетото Кралство.
„Добивањето статус на набљудувачи ќе биде сериозен чекор во приближувањето на сите овие земји во ЕУ, како и дополнителна транспарентност во функционирањето на Унијата. Треба да знаеме и кој што кажува таму“, рече Никовски заSETimes.
Земјите-кандидатки за членство во ЕУ имаат многу сложена работа пред да го потпишат договорт за пристапување со ЕУ, рече Ана Вујошевиќ, координатор за интегрирање во ЕУ во Центарот за граѓанско образование во Подгорица.
„Учеството таму ќе биде многу важно за земјите-кандидатки бидејќи ќе отвори простор за претставување на прашањата што им се особено важни“, изјави Вујошевиќ заSETimes.
Вујошевиќ рече дека додека иницијативата е сè уште неформална, има стимулирачки ефект врз соработката на земјите-кандидатки.
ЕУ изјави дека регионалната соработка е важна за подобрување на политичката стабилност, на бебедноста и на економскиот развој.
„Соработката, очигледно, мора да биде институционално реформирана, пофункционална и препознатлива“, рече заSETimes Драган Џукановиќ од Европското движење во Србија.
Новата иницијатива ќе внесе нова динамика и мотивација за евроатлантската интеграција, додаде тој.
Вујошевиќ истакна дека многу од предизвиците со кои се соочуваат земјите-кандидатки се заеднички и потребни се постојана комуникација и отворени односи.
„Затоа, иницијативите што се израз на интересите на земјите што ги започнуваат и во основа ги вклучуваат овие ЕУ услови, независно од тоа дали се формални или неформални, се од голема помош“, рече Вујошевиќ заSETimes.
Мики Трајковски