Дојче веле: Невработеноста во еврозоната и ЕУ во пад
Стапката на невработеност во еврозоната падна на 11,7 проценти во месец април, покажуваат официјалните податоци од Еуростат, кои беа објавени денеска. Како што јави Дијче веле, забележливи знаци на подобрување има во Португалија и Ирска.
Во месец април оваа година во 18-члената еврозона без работа биле 18,75 милиони луѓе, што претставува намалување за 76.000 во однос на март годинава и за 487.000 во однос на претходната година, информираше Еуростат.
За 0,1 процент е намалена и невработеноста меѓу младите луѓе, што претставува голема грижа за европските земји погодени од кризата. Со тоа, стапката на невработени млади луѓе во еврозоната во април изнесувала 23,5 проценти. Во минатите 12 месеци бројот на млади невработени се намалил за 202.000.
„Невработеноста продолжува да се намалува како во 28-те земји-членки на ЕУ, така и во еврозоната, што е охрабрувачки“, рече Ласло Андор, еврокомесар за социјални прашања, и додаде: „Како и да е, многу нови работни места се несигурни и ние сме далеку од тоа да осигураме дека секое лице има вистинска можност на пазарот на труд“, додаде тој.
Во ЕУ без работа во месец април биле 25,47 милиони луѓе. Тоа значи дека стапката на невработеност во ЕУ во април се намалила за 0,1 процент и изнесувала 10,4 проценти.
И натаму со највисоки стапки на невработеност се Грција, со 26,5 проценти, и Шпанија, со 25,1 процент. Невработеноста во Португалија, пак, се намалила во минатите 12 месеци – од 17,3 на 14,6 проценти, а во Ирска од 13,7 на 11,9 проценти.
Најниска стапка, според Еуростат, е регистрирана во Австрија (4,9 отсто), Германија (5,2 процента) и Луксембург (6,1 отсто).