Петерле: Македонија треба да ги отпочне преговорите со ЕУ
Македонија е подготвена да ги почне преговорите за членство со Европската унија. Сигурни сме дека отворањето на преговорите ќе има позитивен ефект и врз билатералните прашања.
Ова е заклучокот во декларацијата на Мешовитиот парламентарен омитет меѓу Македонија и Европската унија што по 18 месеци прекин, се одржа во Стразбур, откако активностите на комитетот беа замрзнати по неуспехот на мартовскиот договор меѓу власта и опозицијата за враќање на СДСМ во Собранието, јави Телма.
На овој состанок, прв по формирањето на новиот состав на Европскиот парламент македонските парламентарци, велат дека Македонија доби силна поддршка од словенечките и хрватските парламентарци и од претседавачот со комитетот Алојз Петерле.
Очекувано, додава пратеникот Антонио Милошоски, Македонија доби силни критики од грчките парламентарци, кои сега во обвинувањата го наведуваат и бојкотот на СДСМ на парламентот, како аргумент дека во Македонија нема капацитет за политички дијалог. Напади доаѓаат и од бугарските парламентарци и тоа од партии кои се во новата бугарска влада, што според нашите претставници во комитетот ќе биде дополнителна пречка за нормализирање на добрососедските односи.
Следниот состанок на овој јкомитет се очекува да се одржи во втората половина на март идната година, најверојатно во Скопје.