Единаесет години од падот на Кингерот и смртта на претседателот Трајковски
На денешен ден (26 февруари 2004 година) во авионска несреќа што се случи загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар, Босна и Херцеговина.И по две истраги и по 11 години нема кривична постапка за одговорност против никого.
За несреќата која се случи пред 11 години во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаи, на две комисии со кои раководеа Сaлко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти. И во двата извештаи, кои се разликуваат во опсегот на третираните детали, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се пилотските грешки и други индиректни системски пропусти.
На барање на Македонија, со поддршка од европратеникот Андреас Грос, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година која ја водеше Кулиќ.
Во првиот извештај како директна причина за падот на „кингерот“ се наведени „процедурални грешки во приодот за слетување, по висина и по место, на аеродромот во Мостар, на контролиран лет“. Во вториот се наведени и системските пропусти, а е објавен и транскриптот од црната кутија односно целиот разговорот меѓу пилотите и разговорот со контролата на летање.
Седум постапки во текот на летот од страна на пилотите и пет системски грешки на надлежни институции во Македонија и во Босна и Херцеговина се причините за уривање на „кингерот“, стои во новиот извештај што го презентираше Кулиќ. Меѓу индиректните причини ги наведе и СФОР и воздухопловните власти во БиХ.
Македонската страна во целост ги прифаќа наводите со дополнителни предлози кои се однесуваат на ВОР системот, самата процедура, барањето и спасувањето по падот на кингерот и формулацијата за пловидбеноста на воздухопловот. Но, за македонската страна е нејасно зошто е пренасочена локацијата каде да се бара авионот, иако Кулиќ вели дека контролорот на летање знаел каде е урнат авионот.
Сотир Костов, македонски претставник во Комисијата, изрази задоволство како е сработен извештајот во воздухопловниот дел, но рече дека во целост не се согласува со обесчестувањето на РМ во 2004 година на која и е скриена вистината за падот на „кингерот“.
Во авионската несреќа покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.
Надлежниот јавен обвинител сé уште го разгледува новиот извештај за падот на „кингерот“ во кој загина поранешниот претседател Борис Трајковски и неговата осумчлена делагација, велат од Јавното обвинителство .
Иако беше формирана нова Комисија за истражување на падот на „кингерот“, сепак, досега, и по девет години од несреќата, сé уште никој не понесе одговорност за смртта на Трајковски и неговата делегација.
Новиот извештај е предаден во македонското и босанското обвинителство, но сé уште нема поведено никаква кривична постапка против никого.
Извор: Локално.мк.