ЕУ планира економска реформа на Балканот
Стабилноста, соработката и реформите се клуч за стопанско опоравување и инвестирање во земјите од Западниот Балкан. Европската комисија од Лондон најави нов пристап кон регионот, јави Дојче Веле.
Економскиот развој и инвестициите беа темите кои ги собраа на едно место сите регионални лидери, претставниците на Европската комисија и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Организаторот на настанот, ЕБРД соопшти дека целта е „целиот регион на Западниот Балкан да се претстави како инвестициска дестинација“, но и да се надмине јазот меѓу „политичките определби и регионалните проекти“.
Иако ЕБРД, Светската банка и Европската инвестициска банка преку Заедничкиот акциски план за економско опоравување и развој во Централна и Југоисточна Европа веќе издвоија 30 милијарди евра за периодот 2013-2014., Европската комисија од претпристапните фондови на кандидатите и потенцијалните кандидати за членство им обезбеди неповратна помош од околу една милијарди евра, во Брисел се верува дека токму сега, кога ЕУ ги покажува првите сигнали за излез од кризата, е клучниот момент и Западниот Балкан да пронајде начин да привлече инвестиции. Комесарот за проширување Штефан Филе го изложи новиот пристап за добро управување со економијата, конкурентност, раст и вработување во Западниот Балкан.
Филе нагласи дека ниту една од земјите во регионот нема функционална пазарна економија, дека постои голема невработеност, особено меѓу младите, и голем буџетски дефицит и јавен долг.
„Инвестициите ќе пристигнат само доколку земјите ја унапредат инвестициската клима и создадат услови за одржлив развој што е основа за отворање на работни места“, рече Филе. Тој смета дека „реформите на јавните финансии и пазарот на трудот, преку намалување на административните оптоварувања за бизнис, мора да имаат приоритет“.
Проширување без миграции
Со цел да му помогне на регионот во исполнувањето на економските критериуми, Европската комисија го стави фокусот токму на полето на економските реформи во својата последна Стратегија за проширување.
Текстот во целост прочитај го тука.