ЕП го изгласа буџетот на ЕУ за наредните седум години
Европскиот парламент ја даде конечната согласност за новата буџетска рамка со која се утврдени расходите на ЕУ за наредните седум години.
За предложениот буџет гласаа 567 европратеници, 126 беа против и 19 воздржани.
На 3 јули европратениците го одбрија компромисот со државите членки на ЕУ за „Повеќегодишната финансиска рамка“, условувајќи го нивното гласање со решение за 11,2 милијарди евра, колку што недостауваа за да се затвори буџетот за 2013 година.
Откако ЕП го доби она што го бараше, францускиот европратеник и претседател на Комисијата за Буџет, Алан Ламасур, ги повика европратениците да гласаат за буџетот, но со предупредување: Им препорачувам на сите, прво на Советот, да разберат дека буџетската рамка не решава ништо. Тоа не е најдоброто што беше можно, ниту помлаку лошо од можното. Тоа беше единственото. Тоа нема да опстои седум години. Па дури ни три.
Европратениците од сите политички партии, со исклучок на евроскептиците се заканија дека ќе стават вето на буџетот, кој за првпат е помал во споредба со порано.
ЕП побара ревизија на повеќегодишната буџетска рамка на половина пат, за да се води сметка за евентуалното враќање на економскиот раст во Европа, развивање на сопствени ресурси, независни од тие на државите членки за да се финансира буџетот на ЕУ. Првото преиспитување е предвидено во 2016 година. Групата на Зелените и Европската унитарна левица (комунистите) гласаа против вака предложениот буџет.