Германија: Недостасуваат работници во градежништвото, здравството и образованието
Недостигот од квалификувани работници во Германија е зголемен, а посебен недостиг се чувствува во градежниот сектор, но и во образовниот и здравствениот сектор, објави во вторник Институтот за германска економија (IW).
„Минатата година во просек имало 139.256 соодветни баратели на работа на 201.411 слободни работни места во занаетчискиот сектор“, се вели во извештајот на Институтот за германска економија.
Ова го запре трендот на намалена побарувачка за работници, што беше забележливо за време на пандемијата.
Недостигот од работници е особено силен во градежниот сектор, а недостигаат и водоинсталатери и монтери на парно греење. Недостатокот е забележлив и во образованието за овие занимања.
Јавниот сервис АРД известува дека постои загриженост дека недостигот од квалификувани работници може да го забави политички детерминираниот процес на префрлување на обновливи извори на енергија. Многу компании не можат да ги исполнат нарачките на клиентите кои сакаат да инсталираат соларни ќелии или топлински пумпи поради недостаток на работници.
Партијата на зелените, која е дел од владејачката коалиција во Германија, проценува дека во 2030 година би можело да недостасуваат 440.000 работници во секторите кои се клучни за транзицијата кон обновливите извори на енергија.
Според извештајот на IW, недостигот од работници се чувствува не само во занаетчискиот сектор, туку и во образованието и здравството.
Синдикатот на вработените во образованието (GEW) проценува дека во следните пет години во секторот за предучилишно образование може да има недостиг од 200.000, а во училишното образование до 250.000.