Граѓаните за главен извор на информирање ги посочија Онлајн медиумите и интернетот во анкета на Еврометар
Граѓаните на сите теми, вклучително и за политички ајчесто се информираат преку интернет – 56 %, од кои 90,3 % до информациите доаѓаат преку социјалните мрежи, а 28,2 % директно од онлајн портал – медиумите, покажуваат резултатите од анкетата Еврометар 2023.
Само 13,8 отсто од граѓаните велат дека се информираат од онлајн платформите на постоечките радио станици или тв канали. На прашањето „како се информирате за политички теми“ најмногу или 56,5 % од испитаниците одговориле преку интернет, потоа следат 43,5 отсто преку телевизија, 12,5 % од пријатели/фамилија и 1,8 отсто преку радио. Околу 13,4 % од испитаниците одговориле дека не се информираат.
Според Виолета Глигоровска од Евротинк – Центарот за европски стратегии, граѓаните посочиле дека можеле да изберат повеќе одговори на ова прашања, па така како прв избор социјалните мрежи биле за 81,6 отсто од испитаниците, за 16 % онлајн медиумите, а 2,3 отсто некоја онлајн платформа на постоечките радио станици или тв канали. Онлајн медиумите се втор избор за 53,1 отсто од испитаниците, потоа следат социјалните мрежи за 41,6 % од испитаниците. Онлајн платформите на постоечките радио станици или тв канали е трет избор за 94,8 отсто од испитаниците.
Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, е спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021.
Испитувањето на јавното мислење е спроведено во рамки на проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ со финансиска поддршка од Европската Унија.
Дума.мк