Книгите на Ксенија Николова и Милијана Павловска промовирани во Велес
Две македонски авторки што го препочитаат книжевниот жарн драма, денеска во Ликовен салон во Велес, ги промовираа своите најнови книги издадени од страна на издавачката куќа „Култура“. Уредничката, на оваа македонска издавачка куќа, Гордана Војнеска, на промоцијата посочи дека и авторката Ксенија Николова и авторката Милијана Павловска, се посебно истакнати македонски авторки кои го опишуваат животот на секојдневниот човек.
Ксенија Николова е современ автор којшто има издадено шест книги со конкретни содржини за животот, жената, борбата на самиот со себе и љубовта. Нејзината последна книга „Неверство“ е мотивирачка и опишува што значи да се биде среќна и во целост реализирана жена.
– Книгите на Ксенија се драми и она повеќе ја отсликува женската психологија на нејзините хероини. Николова во книгата „Неверство“ ја опишува жена што е незадоволна од својот живот. Таа е во потрага по причината од каде доаѓа тоа незадоволство, поточно, од мајчинството, од родителството или од бракот. Но таа успева сето тоа да го надмине и да биде среќна на крајот, додаде Војнеска.
На промоцијата, авторката Николова, им ја препорача книгата „Неверство“ на жените без разлика на возраст, напоменувајќи дека секоја од нив ја прават среќна различни нешта и во различни стадиуми од животот.
– Ова е навистина голема радост за мене бидејќи за прв пат сум во Велес и пред велешката публика. Инспирацијата е насекаде околу мене и ја црпам од различни извори. Понекогаш се предизвикувам себе си да се менувам како личност бидејќи сметам дека тоа е клучно за еден автор, што црпи инспирација од нови нешта, отвара нови страници во живот, со цел да биде интересен за својата публика, да биде мотивирачки, да се менува и секако публиката да расте заедно со него, додаде Николова.
Од друга страна на промоцијата за авторката Милијана Павловска, беше соопштено дека е комплетно посветен автор на социјални теми од секојдневниот живот што жанровски се драми. Оваа авторка е најчитаната македонска писателка минатата година, во Локална библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Од оваа културна институција таа денеска доби Плакета.
-Павловска секогаш го опишува обичниот човек. Понекогаш колку и животот да е со бреме и не обременува нејзините хероини успеваат да го надминат цел товар, и на лошото и на злото, но и понекогаш на доброто. Таа отсликува судбини на луѓе коишто имаат и загуба на деца, на родители, на луѓе што припаѓаат на социјално ранливи актегории. Авторката пластично и умешно го отсликува човекот којшто сака да се покаже и докаже, зошто тој е тука неговата потреба едноставно да го живее животот, додаде Војнеска.
Павловска има издадено 15 романи од кои последениот носи наслов „Мојот живот, мојата судбина“.
– Она што ноќта ќе ми се напише во главата јас утредента го пишував на компјутер . Шест месеци е најдолгиот период на еден мој пишуван роман, се разбира, свесно, со практиквање на паузи. Во 2017 година помислив дека нема повеќе да пишувам, но три години подоцна толку силно почна да ме притиска новиот роман којшто веќе е готов и се вика „Ти си мојот живот“. Не направив пауза туку само по 15 дена започнав со работа на ново дело коешто се уште нема наслов, додаде Павловска.
Организатор на промоцијата на двете македонски авторки, Николова и Павловска, во Велес, беше Локална библиотека „Гоце Делчев“. Културниот настан се оддржа според сите здравствени протоколи.
Стефани Манева