Kомпанијата Дрекслмајер во Куманово се снабдува со електрична енергија исклучиво од обновливи извори
Од јули годинава компанијата Дрекслмајер на локацијата Куманово се снабдува со електрична енергија исклучиво од обновливи извори. По претходно направена анализа од страна на стручни лица, развиено е специфично решение врз основа на кое на кровот на објектот е поставен фотоволтаичен систем со што е овозможено максимално искористување на потенцијалот од сончевата енергија.
Заштитата на животната средина е основа за одржлив развој и е од суштинско значење за Дрекслмајер Групацијата. Преку одговорно однесување, компанијата се стреми да ги исполни економските, еколошките и социјалните стандарди.
„Снабдувањето со електрична енергија од целосно обновливи извори на енергија е во согласност со нашата корпоративна стратегија. Во контекст на најголемите глобални предизвици, Дрекслмајер дава важен придонес во заштитата на животната средина. Веруваме дека со овој чекор ќе придонесеме за подигнување на свеста за искористувањето на обновливите извори на енергија и поголема заштита на животната средина“, истакна Лукас Мирингер, генерален директор на Дрекслмајер Македонија.
Тој додаде дека овој потег, исто така, ќе придонесе за зајакнување на довербата кај клиентите на компанијата.
„Ние се фокусираме на систематско намалување на емисиите на јаглероден диоксид и со зголемена употреба на одржливи материјали и процеси на нашите клиенти им нудиме решенија за поодржливи производи“, додава понатаму Мирингер.
Групацијата е посветена на одржливо корпоративно управување, а својата иновативност ја фокусира кон одржливи решенија за иднината на автомобилите, истовремено комбинирајќи современа технологија со високи перформанси и елегантен дизајн.