Ковачевски кажа под кои услови ќе биде прифатлив „францускиот предлог“
Премиерот Димитар Ковачевски вчера уште еднаш потврди дека земјава нема формално добиено предлог усогласен на ниво на сите 27 членки на ЕУ, посочувајќи ги клучните елементи за тој документ, кога ќе биде усогласен, да биде прифатлив за Северна Македонија. Во меѓувреме во Бугарија падна Владата на премиерот Кирил Петков, откако во Собранието и беше изгласана недоверба. Висок дипломатски извор во ЕУ, пак, добро запознаен со преговарачката рамка и францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, вчера за МИА потврди дека билатералните прашања се дел од рамката и дека тоа е „нормално”.
– Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, наведува Ковачевски на Фејсбук.
Премиерот наведува дека преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.
– Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија, нагласува премиерот, додавајќи дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.
Ковачевски, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, претходно одлучија во Брисел да присуствуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
– Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан, објави Ковачевски.
Европската Унија прифати дел од билатералните барања на Бугарија да стојат во преговарачката рамка и смета дека тоа е нормално, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во пресрет на состанокот на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, што ќе се одржи денеска, дипломатите од земјите-членки и од Советот интензивно ги брифираа новинарите вчера за прашањата што „ќе бидат на маса” на средбата, како визниот режим за Косово, кандидатскиот статус за БиХ, но доминираа оние поврзани со стартот на преговорите со Северна Македонија, блокиран од Бугарија, што ја држи во заложништво и Албанија.
Висок дипломатски извор во ЕУ добро запознаен со преговарачката рамка и францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Скопје и Софија, за МИА потврди дека билатералните прашања се дел од рамката и дека тоа е „нормално”.
– Билатералните прашања се дел од процесот на проширување, објасни овој дипломат на прашање на МИА.
Запрашан дали е нормално да се создава преседан со Северна Македонија преку вклучувањето на билатерални барања на земја-членка на ЕУ, дипломатот објасни дека „овој ризик постои”.
– Овој ризик постои и тоа некогаш е поважно од реформите. Тоа е дел од правилата, инаку не можеме да имаме хармонични односи. Предлогот кој е на маса се чини дека е тој околу кој може да се најде договор, никој не е задоволен ниту во Скопје, ниту во Софија, рече тој, додавајќи дека тоа за ЕУ е знак дека договорот е добар.
Лидерите на ЕУ и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го поздравија фактот што опозициската партија ГЕРБ во Бугарија најави дека ќе го поддржи договорот за преговарачката рамка.
Во вторникот и државниот секретар за Европа на Франција, Клеман Бон, призна дека дел од билатералните барања на Бугарија се вклучени во францускиот предлог за преговарачката рамка, затоа што било потребно да се одговори на преокупациите на Софија.
За ЕУ е важно во следните недели да испорача преговори со Скопје и Тирана за да му даде кредибилитет на процесот на проширување што тапка во место, посебно во момент кога и се доделува статус на кандидат на Украина. Дипломатите во Брисел не се занимаваат со деталите од билатералниот спор меѓу Скопје и Софија и сакаат, речиси по секоја цена, да дадат зелено светло во следните денови, коментира друг дипломатски извор во Брисел.