Ковачевски: Македонија е добра дестинација за инвеститорите да ги инвестираат своите пари
Северна Македонија е добра дестинација за инвеститорите да ги инвестираат своите пари, порача премиерот Димитар Ковачевски на Инвестицискиот самит за Западен Балкан 2022 година, што денеска се одржува во Лондон во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Тој посочи дека дека нашата земја нуди макроекономска стабилност, стабилна валута и добар атрактивен стимуланс кој важи за сите во земјата, како за странските, така и за домашните инветитори.
– Инвеститорите поставуваат две прашања, прво е макроекономската стабилност, а второто е леснотијата на водење бизнис и инфраструктурата што постои во земјата. На првото прашање Северна Македонија на инвеститорите им дава стабилна макроекономска слика, нивото на инвестиции е 60 отсто од БДП, а и Стандард енд Пурс и Фич го потврдија стабилниот рејтинг на земјата и дека има стабилна иднина. Дури и во време на криза растеше вработувањето, а стапката на невработеност се намали. Стапката на инфлација во 2021 и покрај скокот на цената на електричната енергија е на ниско ниво, рече Ковачевски во одговор на прашање на панелот посветен на шесте премиери на земјите од Западен Балкан.
Премиерот нагласи дека земјава на инвеститорите им дава добар атрактивен стимуланс кој важи за сите во земјата, а тоа, како што рече, се однесува и на инвеститорите кои доаѓаат особено од автомобилската и ИТ индустријата, а ќе имаме стимулација и за другите инвестиции, за индустриската револуција 30 и 40.