Филмски грабеж во Охрид, прегазен и ограбен Охриѓанец!
Четири засега непознати лица утрово физички нападнале лице во Охрид при што ја однеле неговата ташна во која нападнатиот имал 120 илјади евра, објави Lihnid.com.
Кривично дело разбојништво е извршено утрово околу 8 часот на улицата „Дејан војвода“ во Охрид. Четири засега непознати лица кои, по улицата се движеле со патничко возило „Фолксфаген-џета“ со кичевски таблици, директно го удриле лицето Кјутим А. (48) од Охрид по што еден од нив, излегол и од повредениот одзел една платнена ташна во која повредениот носел 120.000 евра. Потоа, со возило избегале кон излезот на Охрид, кон магистралниот пат Охрид-Кичево.
Повредениот К.А. е префрлен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид.
На потегот помеѓу селата Требеништа и Мешеишта, од страна на полициските службеници, пронајдено е запалено патничкото возило „Фолксфаген-џета“ кое разбојниците го користеле при грабежот.
СВР Охрид презема интензивни мерки за пронаоѓање на сторителите на кривичното дело разбојништво.
