„Ленка“ и „Солидарност„:Утре наместо скара и пиво дојдете да ги браниме работничките права!
Ленка” и „Солидарност” упатија повик до работниците да излезат на првомајски протест, кој ќе се одржи утре точно напладне пред „Холидеј ин”. Граѓанските здруженија побараа утре скарата и пивото да се заменат со одбрана на работничките права.
„Работниците треба да почнат сами да се борат за правда. Се надеваме дека самосвеста на работниците ќе дојде до израз и тие ќе ни се приклучат на утрешниот протест. Треба и да слават, но нека ги заменат скарата и пивото со протест за одбрана на сопствените и правата на сите работници, зашто синдикатите наместо да ги организираат на протест сè повеќе се зближуваат со политичките партии“, рече Ацо Трајковски од движењето „Ленка“.
Наместо да се затскриваат зад синдикалниот дијалог, од кој работниците сè уште не виделе никаква корист, Трајковски побара од синдикатите во државава да се обединат со работниците и да застанат зад нивните права.
Тој додаде дека е нелогично секаде во светот 1 мај да се одбележува со протести, а во Македонија каде има голема сиромаштија, невработеност и драстично скратени работнички права, синдикатите слават, наместо да протестираат./А.Д