Македонија:Најгарантирано правото на скара!
Синдикатите веќе неколку години по ред го преспиваат 1 Мај, некои и годината, а своите обврски ги „покриваат“ со делење брошури, некоја прес-конференција или најава за кампања, објави Дојче Веле.
И годинава нема да биде поразлично. Репрезентативниот Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) кој има 17 членки и околу 76.000 членови, ќе започне кампања за формирање социо-економски совети на локално ниво.
Конфедерацијата на слободни синдикати, втора по репрезентативност со околу 60.000 членови, со летоци ќе ги запознае граѓаните со своите активности.
На терен и годинава најактивни се левичарското движење „Солидарност“ и движењето за социјална правда „Ленка“, кои минатиот месец организираа серија протести, а ќе протестираат и денес (1.05) на пладне во Скопје.
Двете организации во континуитет ги следат состојбите со кршењето на работничките права. Според нив, проблемите настануваат кога синдикатите се окупирани од бирократски елити, а нивните челници се позаинтересирани за своите фотелји отколку за правата на работниците.
Текстот е на Дојче Веле