Двокатниот автобус првпат прошета туристи низ Охрид!
Охриѓани и гостите денес , за прв пат, имаа можност да се повозат во новиот двокатен автобус кој општина Охрид го доби како подарок од владата, објави Охрид њуз.
Први патници кои заминаа на панорамска прошетка низ Охрид па се до Славија беа градоначалникот Никола Бакрачески, дел од советниците, како и граѓани и гости кои престојуваат во градот за време на празниците .
– „Она што требало да биде реализирано години наназад, денеска конечно имаме можност да го реализираме и да ја збогатиме туристичката понуда на градот. Со овој современ автобус на сите туристи ќе им овозможиме да имаат можност за панорамско разгледување на градот, за првпат во историјата на Охрид,“ изјави Бакрачески.
Линијата по која ќе се движи двокатниот автобус дополнително ќе биде утврдена врз основа на укажувања и мислења на стручните лица.
Панорамскиот автобус е произведен 2012 година. Има 60 места за седење и 20 места за стоење. Автобусот е и со електрична погонувана рампа за инвалиди што претставува и доследна примена на законските обврски со кои се обезбедува пристапност за лицата со инвалидитет до сите објекти.