Денеска е Ѓурѓовден!

Објавено на 6 мај, 2013 во 10:12

Празникот на Св. великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден, се празнува на 6 мај според новиот, односно на 23 април според стариот календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува  не само христијанското, туку и целото население во Македонија, што од друга страна значи дека во негова основа е празнувањето на природата, на разубавувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

На Ѓурговден се негуваат повеќе обичаи како плетење на венец од растенија, миење со водата во која се потопуваат растенија и капење во река.

Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, некој од домашните ќе скине зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитува вратите и прозорите на куќите и останатите простории, како што се влезните порти и капии. Ова се прави, според христијанското верување, за годината и домот да бидат „бериќетни“ – „да има здравје, плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите“.

Исто така се плетат венчиња од „ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден.

Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи.

Наутро сите се мијат со водата: децата – за да бидат здрави како дрен, девојките – момчињата да се грабат за нив, старите – да бидат здрави, домаќинот – куќата да му биде добро чувана итн. Секој според своите потреби и желби.

Од голема важност е и бањањето во река, пред изгревот на сонцето понекогаш во реката се фрлаат и венци од цвеќе или се истура млеко.

Потоа Ѓурѓoвден е најголем празник и на поголемиот број на Роми со кои се слави враќањето на пролетта. На тој ден многу Роми посебно свечено се облекуваат, стваат накит, одекнува ромската музика и се игра ромското оро.

Домовите се украсуваат со цвеќе и расцветани гранчиња во знак на добредојде на пролетта. Обредите на овој празник вклучуваат бањање во вода со цветови, а понекогаш и ѕидовите од куќите ги мијат со вода.

Обично на овој ден се јадe јагнешко месо. Како традиционално номадски народ, Ромите со овој прзник го обележуваат крајот на зимата и ги креваат своите черги, и повторно тргнуваат на пат.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.