Студентите од Економски факултет на УКИМ незадоволни од понудата за апсолвентска вечер!
Деновиве, на Економскиот факултет, има големо незадоволство предизвикано од понуда за апсолвентската забава. На студентите по цена од 1.500 денари им била доставена официјална понуда од матичниот студентски парламент на Eкономскиот факултет за еден елитен скопски хотел. Но, никој не ги прашал студентите.
Бидејќи никој од апсолвентите не присуствувал на состанок на кој се одбрала понудата преку фејзбук формирале група која ја превзема организацијата на нивната апсолвентска вечер по мерка на студентите. Таму го објавија незадоволството кон организаторите. Еве што студентите напишаа:
„Каде е проблемот? Од искуство од претходните години, знаеме што е вклучено во цената и свесни сме дека тоа не вреди за сумата која што ја плаќаме. Органот кој што ја договара „манифестацијава“ е Студентскиот Парламент, а иницијативава е одговор на очигледно лошо завршената работа од нивна страна. Последниве неколку дена во неколку наврати бевме таму, за да побараме мени и за да се информираме подетално, но или немаше никој или имаше некој ненадлежен за прашањето.
Поради фактот што немаме информации за тоа што конкретно соджи понудата, бараме тоа да го испорача Студентскиот парламент. Доколку не сме задоволни бараме да преговараме за испорачување на повисок квалитет или постигнување пониска цена.
Точно дека времето е кратко, можеби ќе ни кажат дека не постои простор за преговори, но ако групава се претвори во критична маса, која бара поинаква цена или поквалитетно мени, ќе имаме левериџ за нашите барања,“ напишаа студентите на Економскиот факултет.
Денеска, претставници на Студентскиот парламент предводен од Кирил Спироски, ќе се сретнат со револтираните студенти и ќе се дискутира за настанатата ситуација.