Удрени темелите на кино Корзо, во Битола!
Денес, на Широк Сокак, започна обновата на киното на браќата Манаки, пренесе ТВ Тера.
Темелите беа удрени на местото каде што на почетокот на минатиот век работело киното Корзо. Обновата ќе се врши во две фази.
Во првата ќе се работи на инфраструктурата, електричната инсталација, водоводната мрежа, топлифицирање и друго, што треба да биде завршено во текот на оваа градежна сезона. Следната сезона ќе се работи на кино сала со капацитет од 150 седишта, како и две музејски простории, изјави градоначалникот на Битола, м-р Владимир Талески.
Киното на Манаки работеше до 1939 година, кога изгоре до темел, зашто тогаш филмските ленти биле многу лесно запалливи. – „Прво работеше со неми филмови, кои беа пропратени со музика, а потоа почнаа со проекција на тонски филмови. Во 50-тите се прави обид за обнова, летната бавча работеше неколку години и се прекина, ова е второ воскресение,“ рече Стеван Хаџиантоновски.
Значењето на браќата Манаки се споредува со значењето на браќата Лимиер во европски рамки, потенцираше градоначалникот. Обновениот објект ќе биде на два ката.
– „Предвидува 9 на 14 основата, а вредноста е половина милион денари, во првата фаза ќе се потрошат 19 милиони денари“.
Киното нема да биде актуелно само за време на интернационалниот фестивал „Браќа Манаки”, туку ќе работи 365 дена во годината и ќе биде опремено со најсовремената опрема за проекција.
