Обновено: Унгарските државјани по кој се трагаше во Охридско езеро се живи!
Патролите на езерската полиција попладнево ги пронајдоа унгарските државјани по кои започна потрага под сомение дека се исчезнати, објави Охрид њуз.
Тројцата мажи и двете жени полицијата ги затекнала како со чамци се движат во правец од Радожда кон Охрид. Истите, откако биле пресретнати од полицијата, стапиле во контакт со дипломатското преставништво на Унгарија во Скопје каде случајот исто така бил пријавен.
Унгарските државјани се повикани на информативен разговор во езерската полиција каде треба да дадат објаснување за случајот кој ја вознемири јавноста.
Унгарските државјани со возило во понеделникот околу 11 часот пристигнале во авто- кампот Градиште кој во моментов е затворен. Откако замолиле, им бил дозволен влез на неколку часови , но тие не се појавиле во кампот од каде требало да заминат во 17 часот. Откако и следниот ден не се вратиле чуварите од кампот, случајот го пријавиле во охридската полиција која денес по интензивна потрага ги пронајде петмината унгарски државјани.