Скопје домаќин на конференција за меѓу-религиски договор!
Трета меѓународна конференција за меѓу-религиски и меѓу-цивилизациски дијалог се одржува денеска и утре во Скопје на која присуствуваат околу 110 странски и 150 домашни гости. Тема на конференцијата е „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“.
По официјалното отворање, од страна на премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска, ќе се обратат претставници од странските партнери во организацијата на настанот – од УНЕСКО, Генералниот секретаријат на НАТО за жени, мир и безбедност и од Комитетот за религии и интеркултурно образование при Советот на Европа. Потоа обраќања ќе имаат претставници на верските заедници во Македонија – Македонска православна црква, Католичка црква, Евангелско-методистичка црква и Еврејската заедница во РМ.
Од исламската религија ќе има 14 претставници – верски претставници ќе има од Исламската верска заедница од Белград и имами од Америка, како и теолози и професори за религија од повеќе земји – Египет, Иран, Турција, Косово.
Исламската верска заедница од Македонија ќе ја бојкотира конференцијата зашто не биле исполнети некои нејзини барања.
